Никола Мантов (1952 г.) беше фудбалер на ФК “Осогово“. На 1 јули 1973 година, во 10-та минута од првото полувреме на средбата во Кочани со “ФАС 11 Октомври“ - Скопје, при резултат 0:0, како последица од срцев удар, на теренот како покосен падна 21-годишниот фудбалер на “Осогово“. Младиот играч, студент на втора година на Машинскиот факултет во Битола, веднаш беше префрлен во болницата во Кочани, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта. Натпреварот продолжи, а неколку минути подоцна фудбалерот Анегелов постигнал гол за домашните. По соопштувањето на жалната вест главниот судија Ратко Ѓорѓиоски од Прилеп веднаш го прекина натпреварот, а присутните 2.000 гледачи, со насолзени очи го напуштија стадионот. Во својата кратка фудбалска кариера Мантов одигра 59 првенствени и уште толку куп натпревари, играјќи на позициите бек и десно крило. Постигна повеќе голови, а за целиот период на активно играње фудбал доби само еден жолт картон. Во знак на сеќавање на овој играч, градскиот стадион во Кочани го доби неговото име и тоа е единствениот стадион во Македонија кој воопшто носи име на еден фудбалер.