Стефан Попиванов (Кочани, 1875 г.) бил македонски револуционер,. татко н аМалина и Цеко Попиванови. Својата револуционерна дејност ја започнува уште во Солун, пред Илинденското востание, поради што во април 1903 г. е затворен од турските власти, непосредно по Солунските атентати. Во 1905 г. учествува во создавањето на Револуционерниот кружок при скопската Педагошка школа, поради што е протеран од училиштето. Во 1908 година заминува за Бугарија, каде во 1910 година станува член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти) и делува во софискиот регион. Од 1922 до 1924 година ја извршува функцијата секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Станал и прв Македонец член на Политбирото на ЦК КПЈ. Бил делегат од Македонија на Втората конференција на КПЈ од 9-12 мај 1923 г. На оваа конференција било прифатено барањето за „автономна и независна Македонија“, но бил заземен и ставот дека македонскиот народ претставува „само“ преоден етнографски ентитет меѓу српскиот, бугарскиот и грчкиот народ. По формирањето на Независната работничка партија на Југославија, во април 1924 година Попиванов е избран за областен секретар за Македонија. Како припадник на левата фракција во КПЈ и под сомнение дека е провокатор, во 1929 година бил повикан да замине во СССР. По пристигнувањето во СССР, на 1 октомври 1929 г. бил уапсен, а на 3 март 1930 година е осуден за шпионажа и по три дена, на 6 март, е стрелан. По извршената ревизија, на 28 октомври 1963 година, со одлука на Воениот колегиум на Врховниот совет на СССР, заедно со својата ќерка Малина бил рехабилитиран како невин, под името Стефан Поп Иванов - Македонович (Стари).