На почетокот на оваа година „Автотранспорт и сервис', најголемата и најуспешната работна организација во општина Кочани, распиша конкурс за прием на 165 работници, од кои 70 бравари, 60 возачи, 25 електроинсталатери и 10 ложачи за парно греење. Сите работници беа примени во текот на јануари. -До крајот на оваа година ќе примиме вкупно 400 нови работници - најмногу возачи на товарни камиони и бравари - слушнавме од Тодос Паунов, генерален директор. -Обемот на работите постојано се зголемува, па растат и нашите потреби за купување нови возила и проширување на капацитетите на машинската индустрија, на основните организации за електро и термоизолација и автосервисот. Минатата година примивме 359 работници, со што бројот на вработените во нашата организација на крајот на минатата година се зголеми на 1.204 работници. Минатата деловна година „Автотранспорт и сервис“ оствари најдобри резултати меѓу сродните организации во Македонија. Остварен е вкупен доход од 320 милиони динари или 33 отсто повеќе во однос на 1977 година. За оваа година планирано е вкупниот доход да се зголеми на 500 милиони, а бројот на вработени на 1.600. -Најтешко ни е да обезбедиме добри возачи, иако кај нас заработуваат многу добро - нагласува Паунов. - На крајот на минатата година баравме стотина возачи, а се јавија само 39, иако во СИЗ-от за вработување во Кочани се регистрирани пет илјади невработени. А педесет возачи кај нас заработуваат помеѓу 15 и 20.000 динари месечно.