По завршувањето на Втората светска војна, со поддршка од кочанската библиотека, во селото Блатец почнало со работа јавно читалиште кое се соочило со необичен просторен проблем. Токму за ова, во кратка статија во весникот „Борба“, пишува директорот на библиотеката Тодор Симов. Написот е објавен во изданието од 2 октомври 1948 година, а во него пишува:
Фризерски дуќан во народно читалиште
Веднаш по ослободувањето во селото Блатец кај Кочани е отворено Народно читалиште кое секоја година има сè повеќе книги. Неодамна Месниот народен одбор и Управниот одбор на локалната задруга решија во селото да биде основана и фризерска задруга, но тие не се погрижија за таа задруга да најдат соодветни простории, туку одлучија да ја сместат во зградата на Народното читалиште. Поради тоа, денес на влезната врата на читалиштето може да се види натпис: Народно читалиште „Љупчо Сантов“, што повеќе не е, затоа што ако се влезе внатре се гледа дека тоа е фризерски салон. Жителите на селото се прашуваат кога Месниот народен одбор и управата на задругата ќе согледаат дека е невозможно фризерската задруга и читалиштето да бидат во исти простории.