Димитар Димитровски - Муте (роден 1920 година) бил прв кочански и еден од првите македонски пилоти. Студирал воздухопловство во Љубљана, а поради Втората светска војна продолжил во Бугарија. Тој бил познат по своите егзибиции додека летал, па при некои летови во Кочани, со авионот поминувал толку ниско што бил паралелно со балконите на куќите, па неговите доаѓања биле доживување за кочанци. Иако непотврдено, се зборува дека успеал со авионот да помине под Камениот мост во Скопје. Загинал на 4 јули 1957 година кај Осиек, Р. Хрватска, откако авионот со кој прскал земјоделски површини имал дефект на моторот и паднал. Погребан е на гробиштата во Кочани.